Calendar Недела, Април 05, 2020
Дома Статии Дневник 2006, Награда за д-р Грозде Спасовски
Дневник 2006, Награда за д-р Грозде Спасовски PDF Печати Е-пошта

Дневник Број 2786    сабота, 18 март 2006

ГОДИШНА НАГРАДА НА ЛЕКАРСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
Хирургот на годината оперира во Крива Паланка


Годишната награда "Св. Наум Охридски", која ја доделува Лекарската комора на Македонија, годинава стигна во рацете на хирургот д-р Грозде Спасовски од Крива Паланка. Тој е 13. лекар, од околу 5.000 во земјава, кој за долгогодишно одговорно извршување на лекарската професија го добива највисокото признание на комората. Спасовски веќе четири години е единствениот хирург во Крива Паланка и во Ранковце, каде што живеат околу 26.000 жители.

- За мене, ова признание е огромно и особено ми е чест што го добив од колегите. Тоа е поттик и понатаму да работам со ентузијазам - вели 55-годишниот Спасовски.

Тој веќе 30 години работи во Медицинскиот центар во Крива Паланка, од кои повеќе од 20 години како хирург. По пензионирањето на својот колега пред четири години, тој целосно ги згрижува и опслужува пациентите. Така ќе биде најмалку уште две години додека да ја заврши специјализацијата уште еден лекар од оваа установа.

- Работата во мали центри како што е нашиот е специфична за разлика од клиниките. Јас како хирург мора самостојно да ги решавам сите случаи и сам да донесува одлуки, што е многу голема обврска и одговорност, ставајќи ја на испит мојата стручност пред самиот себе, пред колегите и, што е најважно, пред самите пациенти. Настојувам сите случаи што можат да се решат овде, да ги завршам сам, за да не се малтретираат пациентите по другите клиники, а најголем успех е ако може повредите да се решат без оперативен зафат или на најбезболен начин - истакнува Спасовски.

Заменик-директорот на Медицинскиот центар, д-р Жарко Јовановски, нагласува дека наградата е во вистински раце, бидејќи Спасовски повеќепати го ризикувал и сопствениот живот за да спаси други.

- Најсвеж пример е неодамнешната сообраќајната несреќа кај Просеченик, кога комби во кој се наоѓаа тројца патници беше згмечено од камион. Спасовски веднаш по кревањето на камионот со дигалка интервенираше на самото место, пружајќи им помош на тешко повредените. Во исто време товарното возило почна да се откачува, а ветробранот падна на само еден метар од него - вели Јовановски.

Многумина го паметат неговиот подвиг кога влегол во затрупана јама, 30 метри под земја, во рудникот "Тораница" за да спаси рудар.

- Човекот ми велеше: "Докторе, исечете ми ја ногата", која му беше приклештена, но јас успеав да му дадам кислород и да го извлечам. Рударот имаше среќа и помина со минимални оштетувања - вели Спасовски.

Пред два месеца успеал да му ја спаси од ампутација ногата на еден граѓанин, која му била приклештена и целосно згмечена од мотокултиватор. Спасовски ги спасуваше и повеќето патници при неколкуте неодамнешни сообраќајки, кои транзитираа преку граничниот премин Деве Баир со автобуси.

- Многумина мислат дека за хирургот е најважен скалпелот. Напротив, вистинско мајстворство е да се постави вистинската индикација за хируршка интервенција, која ќе остави најмал белег врз пациентот - вели хирургот Спасовски.

Тој им се заблагодарува на колегите и на семејството, кои му даваат поддршка за неговиот ангажман.

- Нема ништо поголемо од кажаното благодарам од задоволниот пациент, што ме тера да ги издржам сиот товар и ризик што ги носи мојата професија - вели лекарот на годината.